Едно холандско истражување покажа дека богатите мајки имаат поголеми шанси да родат машко дете. Научниците откриле фантастична врска меѓу финансискиот статус и соодносот на машки и женски деца, кои може да ги очекувате. Ова откритие само ги дополнува постоечките докази дека полот на детето не е само прашање на случајност, туку дека е условен и од начинот на живеење и од средината.
Според теоријата на еволуцијата, кога условите се добри и кога децата би требало да бидат родени здрави, најдобрата можност мајката да ги пренесе своите гени на новата генерација е да роди машко дете. Здравите машки деца, би требало потенцијално да ја осигураат новата генерација на деца и така да обезбедат опстанок на фамилијарната лоза. Но, ако мајката е сиромашна и со тоа неухранета, односно недоволно здрава, машко дете во тој случај е „лоша инвестиција“. Имено, помалку е веројатно дека слабото и болежливо момче ќе ја победи конкуренцијата од другите машки и можеби никогаш нема да стане татко или пак нема ни да преживее. Во такви услови, еволуциската логика вели дека е подобро да се роди женско дете, кое нема да мора да се соочува со конкуренцијата, ќе може да раѓа и со тоа ќе ја продолжува семејната лоза. За да го тестираат влијанието на богатството и здравјето на мајката врз полот на детето, научници од Холандија користеа податоци од 95.000 мајки од Руанда. Ги споредија броевите на родени деца со брачниот статус на мајката како индикатор на нејзиното богатство. Се покажало дека пониско рангираните жени почесто раѓаат девојчиња, за разлика од повисоко рангираните, се наведува во извештајот на научниците, објавен во магазинот „Biology Letters“. Иако жените не може да контролираат дали ќе родат машко или женско бебе, истражувањето покажа дека девојчињата се поиздржливиот пол, а кај жените, кои носат женско поретко се случува спонтан абортус ако се болни или под стрес. Некои претходни истражувања во САД покажале дека мажените, образовани и млади мајки почесто раѓале синови. |
|
|